Владата почна постапка за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски

Владата на денешната седница го задолжи министерството за правда да покрене активности за отпочнување на постапка за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Портпаролката на владата Марија Митева ја објави одлуката на прес конференција.

„Разочараноста на владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот, што не функционира и секојдневното продолжување со ваквите состојби доведува до нарушување на довербата и нефункционирање на правната држава.“ – нагласи Митева.

Таа наведе дека аргументи за одлуката за Коцевски се извештајот на Транспаренси за Индексот на перцепција на корупција, кој денеска го обелодени Транспаренси интернешенел Македонија и вчерашната одлука на Советот за јавни обвинители за замената на суспендираните виши јавни обвинители во Скопје. „Најпрво беше отворена расправа за денешната објава за нарушување на индексот за перцепција на корупцијата, во која четири точки се однесуваат на состојби во судството и обвинителството. Незаконска е последната одлука за назначување шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје. Односно надвор од одредбите, пропишани со Законот за јавно обвинителство.“ – укажа портпаролката на владата Марија Митева.