Грчки црковни кругови во последните случувања околу Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) гледаат оркестрирано содејство меѓу Владата на Зоран Заев и Бугарска православна црква (БПЦ).
На таков заклучок ги навело и чествувањето на Свети 15 тивериополски свештеномаченици во понеделникот во Струмица, на кое присуствуваа и премиерот Заев и пратеникот на бугарскиот патријарх Неофит, епископот велички Сиониј. За него од БПЦ нагласија дека не учествувал во литургијата со тројцата македонски владици, туку само го прочита поздравното писмо од патријархот, во кое се изразува надеж дека двете цркви во најскоро време ќе се најдат во единство.
„Овој нов инцидент покажува дека Владата на БЈРМ и Бугарска патријаршија се оркестрирани и заеднички работат на добро организираниот и замислен план, чија цел, очигледно, е признавање на расколничката црква во Скопје. Се разбира, присуството на епископот на Бугарската црква во БЈРМ на внимателните набљудувачи им евоцира спомени на периодот на Егзархијата, кога пред балканските војни бугарските свештеници крстосуваа низ територијата на Македонија во обид да го придобијат локалното население. Извесно е дека и БЈРМ, и Бугарија ќе продолжат со сите овие еднострани активности, кои имаат цел да се создаде уверување за постоење на ‘Македонска црква’“, пишува порталот специјализиран за религиозни прашања „Вима ортодоксијас“.





