Владата уверува дека се работат десетици случаи каде се испитуваат сомнежи за злосторнички здруженија кои злоупотребиле милионски средства. Во таа насока, премиерот Христијан Мицкоски јавно ветува дека ќе има „голема одговорност“ за набавките на АД ЕСМ за РЕК Битола.
Во гостувањето на МРТВ, Мицкоски тврдеше дека во фаза на истрага се десетици предмети во чии рамки се испитуваат сомнежи за милионски криминал преку злоупотреба на службена положба, перење пари, тендери… Сепак, како што истакнува тој, случаите каде постои злосторничко здружение потешко се докажуваат. Затоа, според него, за нивно документирање и процесуирање ќе треба „малку повеќе време“.
–За да констатирате дека некој злоупотребил државни средства и со тоа купил мече е многу поедноставно отколку да откриете и докажете злосторничко здружување, перење пари и злоупотреба преку јавни набавки, тендери во вредност од 5 милијарди денари. Тоа е во процес, но ова е побрзо зашто ја гледате картичката и констатирате дека потрошени се пари за тоа.
Но, за да видите што е направено при увозот на мазут во ТЕЦ Неготино, при увозот на јаглен или ископите во РЕК Битола или при набавката на вакцини и тендерите „Стабри“, тендерите на Онкологија итн. итн., ќе треба малку повеќе време зашто тие ги нема на хартија. На сето ова претходеше промена во институциите задожени за истрага (УЈП, Финансиска полиција, Финансиско разузнавање), кои во содејство со Финансии и МВР покренаа истрага за тоа што сме зборувале – рече тој.
Во однос на прашањето дали ќе има одговорност за РЕК Битола, тој одговори: „Ќе има голема одговорност. Не би влегувал во детали, милијарди денари се во прашање, милиони во евра. Не само при увозот на јаглен и ископите, има и други набавки, и не е само мазутот и не е само јагленот и не е само ископот на јаглен и јаловина, туку има и други набавки кои се исклучително, исклучително сомнителни. Транспортни траки итн.итн., ремонти и сл. Ќе има огромна одговорност, верувајте ми“.
Во врска со обвинувањата што предизборно ги испорачуваше за АД ЕСМ во врска со јавните набавки за потребите на РЕК Битола, премиерот говореше и во неодамнешното интервју за „Фокус“, кога посочи дека лично се занимава со дел од сомнителните тендери. Притоа, објасни дека првично се занимавал информативно и собирал податоци, а откако ќе дојде до промена на раководството во ЕСМ, како што нагласи, подлабоко ќе навлезат. Во меѓувреме, оваа промена се случи.
–Во овој момент, можам да кажам дека само во РЕК Битола, од втората половина на 2021 година, заклучно со мај 2024 година, се однесени отприлика 1 милион и 600 илјади тони јаглен. Бидејќи точно се знае од рудникот колку е транспортот, тоа е 8,5 евра по тон, колку во рудникот чини рудата, колку таа се продава во РЕК Битола… Само во овој период, само за оваа зделка доаѓам до фрапантен податок дека разликата е околу 40 милиони евра.
Јас ќе повторам – разбирам да заработите 10 проценти, 20, еве многу сте вешт, па да заработите 25, но не можам да разберам да заработите двојно или тројно. Тоа е грабеж и не е етички. Ниту еден нормален и чесен бизнисмен не би се нафатил на таква зделка. Да не ги коментирам индициите, каде што 10, 12 евра по тон завршувале, во кои политички партии, кај кои политички моќници. За тоа нема да коментирам додека не го потврдиме, ама многу бргу и тоа ќе го потврдиме – рече Мицкоски за „Фокус“.
Извор: Фокус





