Владата не го дели мислењето на македонскиот преговарач за името Васко Наумовски дека на вчерашните преговори биле презентирани идеи кои се „далеку од достоинствено решение“.
Од „Илинденска“ ББ за „Фокус“ изјавиле дека тоа е негов личен став, како и дека без компромис од двете страни нема решение.
Од Владата денеска не објасниле како може државниот преговарач да има личен став и дали почнале консултации со претседателот Ѓорге Иванов, кој формално го именува преговарачот.
Во владиното соопштение издадено веднаш по завршувањето на средбата на Наумовски со Нимиц и со Василакис во Њујорк се нагласува дека Македонија е посветена на решавање на спорот кој Република Грција го има со нашето уставно име, при што активно се создаваат услови за придвижување на процесот напред, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни, имајќи ги предвид разликите.
„По внимателна анализа на рамката на Нимиц што денес ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија“, се вели во соопштението.
Наумовски од своја страна изнесе став дека рамката за разговорите е дадена во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност, а тоа е да се надмине разликата околу името и ниту една држава нема право да ѝ наметне на друга држава некакво ново име, ниту, пак, ОН имаат право да наметнат ново име на нејзина држава-членка.
„Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение“, беше дециден Наумовски.
Expres.mk веќе објави дека македонскиот преговарач размислува за повлекување од позицијата. Неофицијално, македонски дипломатски извори велат дека Наумовски не сака да биде дел од процесот што може да доведе до негирање на македонскиот национален идентитет. Иако е речиси извесно дека Наумовски поради повлекувањето од преговарачкиот процес веднаш ќе биде вратен од позицијата амбасадор во САД, тој е подготвен на таквиот исход.





