Османи: Македонија како „точак“, ВМРО-ДПМНЕ конструктивна

Македонија е како велосипед – додека врти тркалото се држиме право, но штом запре да се врти, веднаш паѓаме.



На ваков, спортско-технички начин, вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи ја објаснува суштината на македонскиот напредок во овој процес, употребувајќи го изразот „точак“ за велосипед.

Гостувајќи во „Ноќно студио“ на телевизијата Телма, Османи додаде дека до неодамна Македонија била заробена држава (од претходната власт во која и неговата партија ДУИ беше партиципиент – н.з ) и поради тоа не мрднувала напред. Но, сега условите се промениле, се случувале реформи и под влијание на атмосферата подгреана од преговорите со Грција во спорот за името, повторно се појавила европската перспектива и работите во земјава почнале да се движат кон подобро.

Османи објасни дека ЕУ планира значително да ги зголеми средствата во претпристапните фондови за земјите кои ги отвораат преговорите за членство, поради што Македонија ќе има голема корист.

Сепак, истакна дека од различни причини, некои сосема банални, како немање на инфраструктура или соодветни кадри, дури и средствата кои веќе ги добиваме (од ИПАРД фондовите) често остануваат неискористени.

Во врска со преговорите за името, нивниот фотофиниш започнува следната недела, Османи вели дека промената на името на аеродромот и на автопатот создале позитивен амбиент, средбите на премиерите исто така, како и подигнувањето на разговорите на ниво на министри.

„Но, роковите се кратки, а одлуката, каква и да биде, ќе биде најтешката која кога било ја донел некој политичар во Македонија“, вели ОСмани.

Тој дополни дека ВМРО-ДПМНЕ игра конструктивно во врска со преговорите за името, за разлика од грчката опозиција. А оптимизмот за успех произлегувал не толку од самите предлози на медијаторот, туку просто од безалтернативноста на решавањето на името и од можноста во следната деценија Македонија да остане надвор од НАТО и од ЕУ.

Потпретседателот на Владата предупреди и дека ќе има провокации и обиди да се минира процесот и одвнатре и однадвор, бидејќи, според него, на различни сили не им одговара преговорите со Грција да завршат успешно.