Ако сакате да избегате од секојдневието, градскиот метеж, рутината и да допрете до себе си, идеално место во Македонија е Беровското езеро. Овој дар на природата е изграден во 1971. година на Ратевска река на 6 км. југоисточно од Берово. Браната е лачно бетонска со висина од 46 м. и се наоѓа на кота од 1000 метри надморска висина.
Езерото е како дар од боговите – да дојдат луѓето и да го почувствуваат мирот и спокојството. Скриено меѓу високите планини на Малешевијата, зеленилото, пријатната клима, буковата шума ви дава чувство на недопрена убавина која вреди да се види и доживее. Заради високата концентрација на кислород многу посетители доаѓаат за да ги наполнат батериите и за рехабилитација.

Најзастапени се следниве видови риби: пастрмка, крап, клен, а од пред некоја година црвеноперка и костреж. Одлично е за љубителите на риболов и рекреација.
Овој предел се карактеризира со свежи лета и студени зими. Пријатната клима го прави овој крај идеално прибежиште во летните периоди. Околу езерото има викендици кои се издаваат во текот на цела година. Неколку ресторани кои приготвуваат добра риба и имаат магичен поглед кон езерото и се за одмор, како на очите, така и на душата и телото.
Престој од само еден ден на ова место може да предизвика огромна психичка и физичка благосостојба која не можете да ја добиете на секое место.





