Радика е типична планинска река со брзаци и водопад, со бистра вода богата со прочуената радичка пастрмка. Извира на 2200 метри надморска височина. Од изворот до вливот во Дебарското Езеро е долга 67 км. На овој пат таа прима четири притоки: Рибница, Мавровска, Жировничка и Мала Река.



Радика е бисер меѓу реките Македонија. Има чиста, бистра и студена вода со изглед на темнозелена боја што е последица од калциум карбонатот во неа. Долината на Радика е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини во нашата земја. Кањонот го градела милиони години, пробивајќи се меѓу планинските страни на Бистра и Стогово на Исток и Кораб и Дешат на запад. Околината на Радика изобилува со богат растителен и животински свет.

По долината на реката Радика од дамнешни времиња населението се занимавало со изработка на предмети од дрво украсени со резба, а куриозитет на долината на Радика претставува народната оригинална архитектура на селските куќи во Битуше, Јанче, Гари, Лазарополе, Мелничани. Непосредно над брегот при утоката на Радика во Дебарското Езеро се наоѓа бањата Косоврасти, познато лекувалиште за ревматски заболувања. Топлите 48 Целзиусови степени сулфурни и радиоактивни води уште повеќе ја зголемуваат привлечноста кон Радика.

Радика е полноводна река со чиста вода, во чија клисуресто-кањонеста долина, во непосредна близина на градот Дебар се наоѓаат најмасивни и најмоќни наслаги на гипс во Европа.

Како една од најубавите реки во нашата земја, Радика е омилен водотек за спортските риболовци и за сите оние кои сакаат чиста река.

Радика е единствена река – бифуркација во нашата земја, која дава вода на два слива – јадрански и егејски слив. Со канали, дел од водите се носат во Мавровското Езеро и го полнат со вода, а оттука со подземни тунели во Вардар.

По долината на оваа река се наоѓа еден од најубавите кањони на Балканскиот полуостров – клисурата Барич, чии страни вертикално се издигаат по неколку стотини метри.