Вие сте носители на прогресот, весници на иднината – Сиљановска-Давкова до победниците на “First Lego League Challenge”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на победничката екипа на Седмиот национален натпревар „First Lego League Challenge“, објави кабинетот на претседателката.



Победничкиот тим „The NOOBS – New Original Operational Best Students“ го сочинуваа: Петар Копачев, Синиша Шиповиќ, Бодан Николов, Тео Ваљак Трпчевски, Ноа Петковски, Бисера Стојановска, Ален Атанасов, Иван Скалов, Ведран Анастасовски. Во нивна придружба беа Васка Мадиќ и Гордан Анастасов, како претставници на Академијата за роботика и иновации.

Честитајќи им ја маестралната победа и директниот пласман на светското првенство во САД – Florida Sunshine Invitational 2025, претседателката изразила особено задоволство што ќе се дружи со толку млади, а толку умни деца.

Децата го презентирале своето иновативно победничко решение – мултифункционален робот којшто надграден, може да извршува важни мисии: да ги чисти океаните или да ги храни китовите. Тие ја информирале претседателката дека изработиле и подморница од титаниум со посебни акрилни светла за истражување на океаните.

,,Импресионирана од изумот, но и од страста и занесот со којшто ја објаснуваа неговата функција, претседателката истакна дека: „Кога нешто се работи со љубов, кога е плод на знаење, ум, труд и посветеност, а особено на тимска работа и взаемна почит, успехот е неизбежен.“

Таа потенцираше дека ова признание има посебна тежина и значење со оглед на тоа што “First Lego League Challenge” е заштитен од УНЕСКО.

„Вие сте идните научници, математичари и инженери, вие сте носители на прогресот, весници на иднината“, им порачала претседателката на децата, стои во соопштението.

Менторите од Академијата за роботика и иновации посочиле дека при рангирањето на тимовите биле земени предвид и сплотеноста на децата и способноста за тимска работа.

Посакувајќи им успех на претстојниот натпревар во САД, што ќе се одржи од 24 до 28 јуни, претседателката изразила доверба и поддршка на нивната работа и укажала на потребата од вложување во талентирани деца како нив. Таа додала дека нема подобра инвестиција од онаа во образованието и науката, а STEM областите се огромна можност младите да ги покажат и докажат своите способности и својот талент, а својата имагинација да ја преточат во импресивни дела.