Тужители на Жан Митрев сами барале хемофилтрација а голем процент од нив биле одбиени од лекарскиот конзилиум на болницата кој сметал дека нема потреба од спроведување на оваа метода.
Оваа состојба станува кристално јасна по повтореното изведување на доказите на Јавното обвинителство со репродукција на видео записникот од судењето во процесот против Жан Митрев во кое сега уште појасно се гледа дека кардиологот не само што не им нудел хемофилтрација туку одбивал да им даде тоа што го барале затоа што сметал дека не им е потребно.
Дополнително, на повтореното изведување на доказите на Јавното обвинителство со репродукција на видео записникот се забележува дека на пациенти кои имаат поднесено тужба против приватната болница Жан Митрев, за лекување од Ковид 19 со хемофилтрација, а кои биле одбиени од болницата за третмани со овој метод, подоцна им биле вратени парите кои ќе ги плателе ако конзилиумот одлучел да прави хемофилтрација.
На семејството на главниот сведок на обвинителството Мелита Брезова кое уплатило 30 илјади евра му биле вратени 26000 евра.
Од судењето на кое се повторува изведување на доказите на Јавното обвинителство со репродукција на видео записникот затоа што две судии поротнички се повлекоа, станува кристално јасно дека ако Митрев бил измамник немало да им ги врати парите туку ќе им ги исполнел желбите и наместо да им враќа речиси 9/10 од парите ќе им направел хемофилтрации ,,за сите пари”.
„Никола го примија на 24 март 2021 година во болницата Жан Митрев, тој си отиде спремен со пари во него за пакетот 12.000 евра, ова ни го кажаа и по телефон за да прашам дали имаат место, но и си го знаевме, бидејќи иста беше постапката и за свекорот. Кога го примија првите денови беше навистина добар, Ви предочувам и пораки од комуникација која ја имав постојано со него, и тој навистина се чувствуваше добро. На 27 март 2021 година, се сеќавам дека ми се јави и ми рече дека ќе го стават на хемофилтрација, дека го преместиле во друга соба. Тој цела ноќ бил во исчекување дека ќе му направат хемофилтрација, но утредента ми рече дека е одлучено од конзилиум од лекарите да не му прават. Инаку Никола самиот веруваше дека хемофилтрацијата е многу добра, дури и во пораките ќе забележите дека ми пишува дека ќе сака да му направат хемофилтрација и вели дека на тие кои им прават побрзо се подигаат, така мислеше тој“.
Вака сведочела на судското рочиште, Мелита Брезова, сопругата на велешанецот Никола Брезов, чие семејство има поднесено тужба против болницата Жан Митрев за оштета а притоа на сите од семејството вратени им се парични средства од над 26.000 евра.
Починатиот Никола Брезов има негативен тест по првата хемофилтрација но по неколку дена добива илеус руптура на дебело црево по што е опериран поради оваа состојба а не поради Ковид 19.
„Наредните денови се до 7 април 2021 година ситуацијата според параметрите кои ги покажуваа испитувањата па и мојот впечаток, јас постојано го слушав и одев на посети речиси секој ден, беа многу подобрени. Ќе видите и во пораките дека тој пишува дека се осеќа добро, ние практично бевме уверени дека веќе и ќе излегува, а и наш пријател од Велес, доктор Ѓоре Арсов кој ни е семеен пријател и отиде да го посети како пријател, кога го посети и ги виде неговите параметри, рече дека можеме дури и сега да си го земеме, буквално така рече – ’немој да фрлате пари добар е’. Но, се одлучивме да остане уште неколку дена заради подобри услови за него“, дополнила во својот исказ во судница Мелита Брезова.
Понатаму во своето сведочење кое сега се повторува таа тврди дека „стриктно во однос на хемофилтрацијата веќе Ви реков дека токму Никола беше оној кој кога одеше во Клиниката Жан Митрев за да превентивно се пријави за лекување за да случајно не му се влоши состојбата повеќе, беше оној кој беше уверен дека хемофилтрацијата ќе му помогне ако дојде до тоа, истото се забележува и од пораките кои ми ги праќаше мене токму тој, вистина веруваше во тоа“.
Но, и покрај ваквото сведочење, Брезова оценила дека „конкретно за хемофилтрацијата се чувствува оштетена и бара оштетно побарување“ и тоа износите кои ги платила, според нејзина евиденција три хемофилтрации се од по 183.000,00 денари.
Од повтореното изведување на доказите на Јавното обвинителство со репродукција на видео записникот од судењето станува јасно дека во овој случај пет члена на семејството на Мелита Брезова кои биле лекувани во Жан Митрев депонирале за хемофилтрација 30 илјади евра. Притоа се направени две хемофилтрации за покојниот Никола Брезов во вредност од 6 илјади евра од кои една за Ковид. На семејството му биле вратени 26 илјади евра односно едната хемофилтрација воопшто не била наплатена.
Само од оваа околност се гледа дека Јавното обвинителство со свои докази искажани од свои сведоци докажува дека не постои намера за измама од страна на Жан Митрев и наместо да го повлече обвинението продолжува да врши долга судска тортура кон кардиохирургот.
Од нејзината изјава која два пати е слушната пред судот е целосно нејасно зошто Мелита Брезева воопшто тужела и бара оштета кога јасно се гледа дека од клиниката Жан Митрев не само што не бил вршен притисок кон нејзиното семејство за да се примени хемофилтрација туку од таму одбивале да даваат хемофилтрација таму каде што немало потреба.
Повтореното судење јасно укажува дека на сите пет члена на семејството не им било препорачано да им се направи хемофилтрација туку само на тие пациенти за кои имало проценка дека може да им биде од медицински интерес.
Брезова потврдува дека на сите за кои лекарскиот конзилиум одлучил дека нема потреба од хемофилтрациија им се вратени парични средства за неискористените хемофилтрации.
Врз основа на записи од повторното судење expres.mk направи видео реконструкција на дел од судењето кое што со помош на дигитални технологии ви ја пренесува атмосферата во судницата при повторното изведување на доказите на ОЈО а се темели на изјавата на сведокот на обвинителство Мелита Брезова.
Видеото со реконструкција на настаните не содржи оригинални снимки од судењето туку е направено со помош на записи од судењето и дигитална технологија. Дел од видео материјалите се генерирани со вештачка интелигенција.
Судењето продолжува денеска







