Шеесет до осумдесет лица се повредени откако маж со автомобил влета во толпа на божикниот пазар во германскиот град Магдебург, јави Би-Би-Си повикувајќи се информации од локалната спасувачка служба. Германскиот „Билд“ јавува дека има најмалку 11 мртви.
Сликите од местото на настанот покажуваат масовна реакција на службите за итни случаи во Магдебург, вклучувајќи луѓе кои се товарени на носилки.
Пазарот веднаш е затворен, а организаторите ги повикаа посетителите да го напуштат центарот на градот. Возачот набрзо бил уапсен, а полицијата трага по можни експлозивни материјали во тој дел од градот, пренесува Билд.
Според сведоците, тој возел цик-цак по целиот базар, очигледно за да прегази што повеќе посетители. Кога се обидел да се сврти, го сопреле и уапсиле полицајци. Засега нема информации за идентитетот на осомничениот напаѓач.
Инцидентот, пишуваат германските медиуми, буди лоши спомени на нападот на божиќниот базар во Берлин на 19 декември 2016, кога исламистички напаѓач со украден камион удри во десетици посетители. Тогаш загинаа вкупно 13 лица, а 67 беа повредени, некои тешко.





