Тековната економска политика на Владата не создава простор за здрав и одржлив раст на бруто-домашниот производ (БДП) за над три отсто. Од друга страна, имаме и владин модел во кој очекувањата се повисоки од капацитетите. Ова денеска на прес-конференција го соопшти пратеникот на Социјалдемократскиот сојуз и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи коментирајќи ги проекциите на Светската банка за растот на македонската економија за 2025 година, за кои рече дека се ревидирани од три отсто на 2,6 отсто.

- „Надолната ревизија продолжува и за 2026 година со очекуван раст од 2,7 отсто, наместо претходно проектираните 3,2 отсто. Ова е сигнал што произлегува од реалните економски текови, а не од желби и политички маркетинг. Светската банка не се занимава со реторика, туку со економска логика, според која во 2027 година се очекува раст од 2,8 отсто, нешто што треба да го земеме за сериозно“, вели Битиќи.
Според него, Македонија се соочува и со неповолен факт, односно има најниска проекција за економски раст во регионот на Западен Балкан за 2025 година и под регионалниот просек од 3,2 отсто.
Светска Банка, анализира Битиќи, забележува и дека земјата се соочува со проширен фискален дефицит, слабеење на трговската позиција, номинално забавување на инфлацијата, идентификувајќи домашни ценовни притисоци што сигнализираат ризици за стабилноста на куповната моќ.






