Нивото на девизните резерви на крајот на минатата година достигна пет милијарди евра и тие се повисоки за околу 50% во однос на претпандемичниот период. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг”, посочува дека девизните резерви се најважниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и дека во изминатиот период, и покрај кризите, тие речиси непрекинато растеа, како гаранција за задржување на стабилноста на девизниот курс.
Ќе здивнат ли граѓаните конечно од постојаните поскапувања, имаше ли ефект новогодишната кошница, казнети ли се некои деловни банки за постојаното зголемување на провизиите? Гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Слободен печат“ зборува за девизните резерви, за стабилноста на курсот на денарот, но и за намалувањето на каматните стапки кај деловните банки и стамбеното кредитирање.
Ангеловска-Бежоска посочи дека растот на девизните резерви главно се должи на откупот на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар, којшто речиси постојано се остварува од средината на 2023 година. „Вкупно за изминатите две години ние како централна банка на девизниот пазар откупивме 750 милиони евра, со што во целост се надомести износот којшто беше искористен за интервенции на девизниот пазар во периодот на пандемијата и во периодот на енергетскиот шок. Сето ова јасно говори за воспоставените силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута”, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Девизните резерви растат во континуитет изминативе месеци. Што значи тоа за стабилноста на курсот на денарот бидејќи постојано се коментира дека тој вештачки се одржува?
− Прво, би кажала дека и покрај фактот дека ние се соочивме со шокови од невидени размери, Народната банка успеа успешно да ја одржи стабилноста на домашната валута. Девизните резерви секако се клучниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и ме радува тоа што, и покрај овие кризни времиња, девизните резерви речиси непрекинато растеа минатата година достигнувајќи 5 милијарди евра. Овој пораст на девизните резерви беше всушност и повисок од очекуваниот според последните макроекономски проекции на Народната банка, а доколку овој износ го споредиме со претпандемичниот период, нивото сега е повисоко за педесетина проценти, што јасно говори за зголемен потенцијал за одбрана од идни потенцијални шокови.
Од каде произлегува порастот на девизните резерви? − Во основа, главниот фактор за тоа е откупот на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар, којшто речиси непрекинато се остварува од средината на 2023 година, така што вкупно, за овие две изминати години, ние како централна банка откупивме 750 милиони евра на девизниот пазар со што во целост се надомести износот којшто беше искористен за интервенции на девизниот пазар во периодот на пандемијата и во периодот на енергетскиот шок. Сето ова јасно говори за воспоставените силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута, вели Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочува и дека несомнено странските директни инвестиции имаат позитивен придонес кон порастот на девизните резерви. „Во претпандемичниот период, странските директни инвестиции изнесуваа околу 3,5% од БДП, во просек, по забавувањето во текот на пандемијата следеше процес на постепено закрепнување, а минатата година во првите три квартали достигнаа 5% од БДП, што е солидно ниво според историските параметри”, истакна Ангеловска-Бежоска. Таа истакна дека странските директни инвестиции не се важни само за порастот на девизниот потенцијал во нашата економија, туку поопшто за инвестицискиот циклус и за побрз раст и зголемување на нивото на доходот, којшто кај нас за жал сѐ уште е низок.
Ангеловска-Бежоска истакна дека за остварување повисок економски раст особено е важна и солидната кредитна поддршка за граѓаните и компаниите од страна на банкарскиот сектор, чијашто стабилност и капацитет за кредитирање се зајакнати и покрај кризниот период, а адекватноста на капиталот е највисока во последниве две декади. Ова се должи меѓу другото и на мерките коишто ги преземаше централната банка. Гувернерката посочи дека важна улога за зголемувањето на инвестициите има и растот на зеленото кредитирање коешто во изминативе години се удвои од 2,2% на 4,4%.





