(Видео): Инспекцијата пронашла мртов мајмун – Што се случува во „ЗОО Скопје“?!

„Затворете ја Зоолошката градина“, „Како не се затруја толку години, туку сега“, „Ако јаделе отровни гранки, како стигнале во Зоолошката, некој од посетителите им дал или таму растат?“, ова се само дел од лавината реакции во јавноста и на социјалните мрежи по објавата дека пред неколку во скопската зоолошка угинале седум Берберски овци.



Од Зоолошката соопштија дека инспектор од Агенција за храна и ветеринарство и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина ја отпочнале постапката за обдукција на угинатите единки.

  • „Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и по добивање на резултатите од обдукцијата. Се сомневаме дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata) кое може да биде отровно за животните“, е наведено во соопштението објавено на Фејсбук страницата на Зоолошката градина.

Инаку угинатите Берберски овци, многу наликуваат на кози но, имаат поголеми рогови. Овој вид е застапен во Тунис, Египет и делови на Африка. Берберските овци живеат во степски планински подрачја каде пасат и брстат треви, грмушки и лишаи.

Советникот од ВМРО -ДПМНЕ на Град Скопје, Стефан Кирков, кој воедно е и кинолог, активист и сопственик на одгледувачница за француски булдог, на денешната прес-конференција ги повика МВР и Јавното обвинителство да влезат во оваа установа и да постапат според законот.

  • Скопската Зоолошка градина во Скопје последниве три години е место каде умираат животни во сомнителни околности. Зоолошката е веќе позната како куќата на стравот, а досега за тоа никој не понесе одговорност. За време на директорувањето на Зоран Попов, кадар на Данела Арсовска, угинаа повеќе од 40 животни, се случија големи инциденти, а од Попов не видовме и не слушнавме ниту збор, а камоли одговорност, изјави Стефан Кирков, советникот на ВМРО -ДПМНЕ.

Според сознанија на неговата партија, сосема случајно при овој вонреден инспекциски надзор е пронајдено и уште едно мртво животно за кое се претпоставува дека имало обид да биде скриено од инспекторите и од јавноста.

  • Оттука прашуваме, дали е пронајдено мртво животно, поточно мртов мајмун од расата патас? Дали истото веднаш е земено од страна на инспекторите на АХВ и Ветеринарниот факултет за вршење на обдукција? Зошто се молчеше за смртта на овие животни и зашто се крие од јавноста?, прашува Кирков.

Колку за потсетување, лани во октомври, само пред четири месеци, скопската Зоолошка градина беше затворена три недели за посетители поради појава на птичји грип, кога беа усмртени повеќе од 30 птици, а поборниците за заштита на животните најавија кривични пријави против директор на АХВ, до инспекторите и до лицата со оружје.