Вељановски, Ристовски и Јанакиевски ослободени од гонење за случајот „27 април“

Прекинат е кривичниот прогон на Трајко Вељановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски и Владимир Атанасовски кои беа гонети како организатори на упадот во Собранието на 27 април. Судот донесе решение, со кое посочува дека амнестијата важи за нив.



Oсновниот кривичен суд во Скопје го уважи нивното барање за примена на амнестијата.

Се запира кривичната постапка поведена со обвинителниот акт на ОЈО ГОКК за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

„ Против ова решение имате право жалба преку овој суд до Апелациониот суд. Поединечно ќе бидат образложение причините за ова решение во писмен одговор кој ќе го добиете во најкраток можен рок“, изјави судијата.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во декември 2024 година, во мислење испратено до Основниот кривичен суд Скопје наведе дека за тројца од вкупно четворицата обвинети во предметот „Организаторите на 27 април“ треба да важи Законот за амнестија од 2018 година.

Скопска Апелација лани во април ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, ексминистрите Јанакиески и Ристовски добија казна од шест години и три месеци, додека поранешниот директор на УБК, Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.