„Македонија има нова генерација која во иднина сигурно ќе направи добар резултат“, заклучува хрватскиот весник „Вечерњи лист“ во освртот за настапот на македонските ракометари на Европското првенство во Хрватска, насловен „Македонија од сјајот до бедата за неколку дена“, кој го пренесуваме во целост.
„Ракометарите на Македонија беа хит на првиот круг на Европското првенство. Од загрепската група донесоа во Вараждин, во вториот круг, големи три бода. Не изгубија ниеден натпревар, а посебно впечатливи беа натпреварите против Словенија (25:24) и Германија (25:25). Но, тенка е линијата меѓу блескавото и лошото. А токму тоа ѝ се случи на Македонија. Во Вараждин ги запиша првите два пораза, од Шпанија и од Чешка, и сонот за полуфиналето отиде во ветер. Сакаа Македонците да го надминат петтото место од Србија 2012 година, но не успеаја. Раул Гонзалес, селекторот на Македонија, одеднаш од врвен тренер стана еден од главните виновници за неуспехот. В ред, ако веќе мораа да изгубат од Шпанија, која по рејтингот е многу подобро пласирана репрезентација во Европа, тогаш никако не смееја да изгубат од Чешка. Посебно бидејќи цел натпревар водеа, имаа четири до пет погодоци предност. На крајот на краиштата, ги издаде среќата.
Прво ги напушти во средбата против Германија кога Стојанче Стоилов промаши зицер за победа во последните моменти од натпреварот. Потоа уште повеќе ги напушти против Чешка. Имаа седмерец по истекот на времето. Седмерец за нерешено со кое уште би имале добра можност за пласман во полуфиналето.
‘Откако Лазаров го промаши третиот седмерец, одлучив седмерецот за бод да го шутира Дејан Манасков. Станува збор за играч кој тоа инаку го работи непогрешливо’, рече Раул Гонзалес.
Манасков на негова несреќа промаши, односно Мрква му одбрани. Ете, барем нашиот Златко Хорват доби друштво во оние што промашиле клучни седмерци. Сите сè уште добро се сеќаваме како Хорват по истекот на времето промаши седмерец за пласман во финалето на Светското првенство. Ако на Манасков му е за утеха, не промаши седмерец за медал. Бидејќи, кој знае дали, да постигнеше погодок, тој бод ќе беше доволен за полуфинале. Никогаш нема да дознаеме.
‘Одигравме одлични 50 минути, многу ми е жал. На своја страна ги имавме квалитетот, гледачите и среќата, но го немавме она најважното – карактер. Штета, пропуштена е голема можност, можност каква што мислам дека нема да имаме во блиска иднина. Морам да му честитам на Велковски, одигра храбро, машки и покажа дека имаме достојна замена за Кирил Лазарова’, рече Филип Миркуловски, среден бек на Македонија.
Слично размислува и Филип Лазаров, помлад брат на Кире.
‘Бевме подобри во поголемиот дел од натпреварот, имавме четири до пет погодоци разлика. Кога за момент застанавме, изгубивме идеја, сила во одбраната, идеја во нападот. Борко Ристовски исто така запре со одбраните, а беше одличен 45 минути. Ова е еден тежок пораз во најлош момент за нас. Катастрофа. Одиме понатаму, тешко ни е, но ништо сега не може да се врати. Неверојатно е како изгубивме од репрезентацијата што досега постојано ја победувавме’, рече Филип Лазаров.
Раул Гонзалес рече дека и по Европското првенство останува селектор на Македонија, бидејќи потпишал таков договор. Сака да биде на клупата на Македонија без оглед на тоа што следната сезона нема да живее во Скопје, туку во Париз. Имено, клупата на Вардар ќе ја замени со клупата на богатиот ПСЖ. Кога е веќе добар за клупата на најбогатиот светски клуб, тогаш сигурно е добар и за клупата на Македонија, без оглед на киксот на овогодишното Европско првенство. Бидејќи, Раул не заборавил преку ноќ како се води ракометен натпревар. Не треба да се заборави дека Раул со Вардар ја освои Лигата на шампионите. Би било грев да се откажете од таков стручњак.
‘Засекогаш ќе го запаметам тоа второ полувреме против Чешка. А сè беше идеално, посебно по првото полувреме. Тоа второ полувреме траеше цела вечност. Никако да заврши, а Чесите од минута во минута нè стигнуваа и на крајот нè престигнаа. Згора на сè, нивниот голман почна чудесно да брани’, рече Раул по натпреварот.
Македонија има нова генерација која во иднина сигурно ќе направи добар резултат. На ова Европско првенство се истакнаа двајца Филиповци, Талески и Кузмановски. Обајцата сè уште немаат 22 години. Обајцата патот до репрезентацијата го бараа од Металург, каде што тренер им беше Лино Червар. Талески веќе игра во силен клуб, во германскиот РН Левен, а прашање на време е кога нов клуб ќе најде Кузмановски. Тука е и 21-годишниот Мартин Велковски, кој на местото десен бек ќе го замени Кире Лазаров, кому овогодишното Европско првенство веројатно му беше последното големо натпреварување за Македонија.
Македонија во Хрватска имаше и голема поддршка од трибините. Во Загреб дојдоа 5.000 нивни навивачи, во Вараждин нешто помалку поради капацитетот на салата. Ракометот во Македонија е попопуларен од фудбалот и од кошарката, а тоа го докажаа навивачите кога, на пример, го дочекаа Вардар со освоениот трофеј во Лигата на шампионите или кога Металург во најдобрите денови имаше просечно 8.000 гледачи на трибините“, пишува во анализата на „Вечерњи лист“ за настапот на македонската ракометна репрезентација на 13. ЕП во Хрватска.





