Велев: Македонците од Солун Св. Кирил и Методиј го втемелија македонскиот духовен идентитет, со посебна национална свест, јазик и култура!

„Во современата сесловенска и пошироко европска духовност, цивилизација и култура сè понагласено се истакнуваат споменот и славата за Св. Константин-Кирил и Методиј. За нас, Македонците, е мошне значајно што споменот и славата за овие рамноапостоли и сесловенски просветители проникнале изворно од етногеографскиот простор на Македонија. Но уште поважно е и тоа што токму врз изворните словенски цивилизациски вредности афирмирани од Св. Кирил и Методиј се втемелил и континуитетот на македонскиот духовен и културноисториски идентитет – како посебен колективитет: со словенска национална свест, традиција, јазик и култура. Секако, натаму воспоставуван и афирмиран од делото на најистакнатите Кирилометодиеви ученици и нивни доследни следбеници Св. Климент и Наум Охридски, како и од нив формираната и развивана Охридска духовна и книжевна школа.“ – нагласува д-р Илија Велев, професор во Институтот за македонска литература во Скопје и истражувач-експерт за кирилометодиевската традиција и континуитет и средниот век на Македонија.



Во својата историографска статија со наслов „Зошто споменот и славата за Св. Кирил и Методиј изворно проникнале во Македонија?“, објавена на 23 мај 2024 година во весникот „Нова Македонија?“, покрај другото, професорот Велев натаму истакнува: Не е случајно што изворното проникнување на Св. Кирил и Методиј главно е присутно во македонската духовна, народна и културноисториска традиција. Дури и раѓањето на светите браќа се поврзува со етногеографскиот простор на Македонија, зашто се родиле во македонскиот град Солун – вториот административен и културен византиски центар по Константинопол. Потемелните истражувања на процесите во тој период покажуваат дека веројатно тие биле потомци на старото домородно население од просторот на Македонија, кое по речиси тривековната словено-домородна народна симбиоза знаело словенски јазик и веќе живеело сродно со Словените и со другите народи во Византија.

При предавањето на должноста да раководи со Моравската словенска мисија византискиот император Михаил III му се обратил на Св. Кирил: „Друг не може да го направи ова освен тебе. Земи го брата ти, игуменот Методиј, па оди! Оти вие сте солуњани, а сите солуњани чисто словенски зборуваат“. Со просторот на Македонија се поврзуваат и подготовките за сесловенското просветителско дело на Св. Константин-Кирил и Методиј, пред да заминат како мисионери во т.н. Моравска мисија меѓу 863 и 885 година. Веќе и од најугледните палеослависти научно е потврдено дека кодификацијата на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик се извршила врз основа на македонските словенски говори од околината на Солун, а според нивниот гласовен систем се устроило и првото словенско фонетско писмо – глаголицата. Но покрај тоа што кодифицираниот старословенски јазик проникнал од изворот на македонската народна словенојазична основа, натамошниот негов развој почнал да се прифаќа како општословенски – богослужбено и книжевно кодифициран јазик.

При мисионерските подготовки во Македонија кога се устроило првото словенско писмо – глаголицата и кога се кодифицирал старословенскиот богослужбен и книжевен јазик, се создале услови веднаш да се почне со преведување од византискогрчки на старословенски јазик на нужните црковни богослужбени книги, а се напишале и првите оригинални словенски творби. Христијанската идејна и културна просветителска поставеност ја направила Мисијата словенска, со јасно македонско-моравско цивилизациско приспособување.

По прогонувањето на Кирилометодиевите ученици од Моравија во 885 година, дошло до враќање на основните идеи на Мисијата назад кон нејзините просветителски извори: Македонија. Во тој период поголемиот дел од Македонија бил завладеан од ханска Бугарија, каде што богослужењето на христијанството и писменоста се одвивале на византискогрчки јазик – а црковниот живот бил управуван од несловенското византиско архијерејство и свештенство. Ваквата затекната ситуација директно влијаела дури и при политичкото активирање на словенскиот фактор од страна на бугарскиот владетел Симеон во 893 година да се оневозможи спроведувањето на изворните словенски просветителски идеи од Моравската мисија и во ханска Бугарија.

Тогаш се реализирал историскиот процес на разделување меѓу средновековната бугарска и македонска духовна и писмена традиција, натаму секоја за себе развивајќи ги посебните културноисториски идентитети: македонскиот наспрема бугарскиот. Ете затоа не може да се оспорува фактот дека споменот и славата за Св. Кирил и Методиј изворно проникнале во македонската духовна, народна и културноисториска традиција и идентитет. Време е самостојните улоги на историографијата и на македонистиката да се ослободат од теророт на политиката.