Ватикан: Нема мобилни додека се бира новиот папа

Кардиналите кои ќе одлучуваат за изборот на новиот поглавар на Католичката црква ќе мора да се откажат од своите телефони и сите електронски уреди и ќе ги добијат назад дури откако ќе заврши конклавата, изјави портпаролот на Ватикан.



Ватикан соопшти дека ќе го прекине сигналот за мобилните телефонски мрежи за време на конклавата каде што ќе се избира новиот папа, објавија италијанските медиуми, а пренесува Си-ен-ен.

Тоа, според соопштението од Ватикан, значи дека во среда на 7 мај од 15 часот сите системи за пренос на телекомуникациски сигнали за мобилни телефони на територијата на државата Ватикан ќе бидат деактивирани.

Исто така, се планира да се користат блокатори на сигнали околу Систинската капела за да спречи електронски надзор или комуникација надвор од конклавата на која 133 кардинали ќе гласаат за наследникот на папата Франциско.

Деактивирањето на сигналот на мобилнитее телефони нема да ги опфати посетителите на плоштадот „Свети Петар“. Но, безбедноста е засилена низ целиот плоштад, со контролни пунктови на влезовите и распоредување на детектори за метал и системи против употреба на дронови на јавен простор.

Инаку, како што потврди Ватикан, сите 133 кардинали што ќе гласаат за да го изберат наследникот на Франциск веќе пристигнаа во Рим.