Вардар – Црвена звезда на 16 април во Скопје за семејствата на настраданите во Кочани

На 16 април на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се одигра хуманитарен фудбалски натпревар меѓу Вардар и Црвена звезда, од кој целиот приход е наменет за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.



„ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег. Исто така изразуваме голема благодарност до легендата на Вардар и на Црвена звезда, Илија Најдоски, со чие посредништво е овозможен овој спектакл“, соопштија од најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

„Сите во Црвена звезда беа длабоко потресени од трагедијата што се случи во Кочани, Северна Македонија. Веднаш ги контактиравме нашите играчки легенди од Скопје, Дарко Панчев и Илија Најдоски, а со нивна помош стапивме во контакт со раководството на Вардар и се договоривме на 16 април да гостуваме во Скопје и да одиграме хуманитарен натпревар. Целиот приход од овој натпревар ќе биде наменет за семејствата на жртвите од оваа страшна несреќа. Тоа е најмалку што можеше да направи Црвена звезда во овој тежок момент за својата братска Северна Македонија. Изразуваме искрено сочувство до сите семејства на жртвите, како и до сите граѓани на Северна Македонија, со надеж дека со овој гест ќе покажеме колку оваа трагедија нè погоди и дека сме обединети во болката со семејствата на жртвите“, изјави Звездан Терзиќ, генерален директор на некогашниот европски шампион.