Ракометарите на Вардар со стил го завршија настапот во Европската лига сезонава, славејќи со 32:30 над Мелсунген, лидер во германската Бундеслига и победник на групата Ф во второто клупско натпреварување на ЕХФ по ранг!
Македонскиот вицепрвак и двократен освојувач на Лигата на шампионите заврши трет со 5 бода, два помалку од Порто и пет од досега „максималниот“ тим воден од бившиот вардаров тренер Роберто Парондо и за кој играат ексвардарците Даинис Криштопанс и Рожерио Мораеш, трио од златните денови на „црвено-црните“.
Само два дена откако му го нанесе првиот пораз на Алкалоид и му се придружија на врвот во македонската Суперлига, Вардар стигна до уште еден скалп благодарејќи повторно на расположениот голман Мигел Еспиња и неговите 15 одбрани, како и на пикерот Ларс Коиј (8/12) и на средниот бек Младен Крсманчиќ (6/6).






