Вардар одигра нерешено 1:1 како формален гостин на Гостивар во Маџари во официјалното деби на новиот тренер Срѓан Захариевски во петтото коло од Првата македонска фудбалска лига.
Гостиварци поведоа по 20 минути игра на стадионот „Борис Трајковски“ преку напаѓачот од Гвинеја Бисао, Алдаир, а бод на „црвено-црните“ шест минути пред крајот им донесе најновото засилување, српскиот играч за врска Немања Босанчиќ, со еврогол од слободен удар.
Поради лошата гол-разлика (-6), вардарци останаа на дното на табелата со 4 бода, колку што имаат и Воска, Тиквеш и Беса пред нив, а во следното коло в недела од 15 часот ќе му гостуваат на Тиквеш во Кавадарци.
Захариевски го презеде тимот на својот поранешен клуб како негов трет тренер само по четири одиграни кола, во кои по два пати Вардар го водеа Горазд Михаилов и Горан Петрески, по што си дадоа оставки.






