Вардар по прв трофеј во Купот по 18 години, Струга по прв воопшто

Фудбалерите на Вардар и на Струга вечерва од 20 часот на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје ќе се судрат за трофејот од 32. Куп на Македонија.



Вардарци, како најуспешни во ова натпреварување со пет титули, ќе атакуваат на својот прв пехар во Купот по 18 години и победата над прилепска Победа од 2:1 во финалето во 2007 година.

За стружани, пак, ова ќе биде втор обид за триумф во најмасовното фудбалско натпреварување во Македонија по неуспешниот пред две години, кога загубија на пенали со 2:0 од Македонија Ѓорче Петров, откако мечот по 120 минути заврши без голови.

„Мислам дека Вардар е подготвен да го даде максимумот во финалето. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал, кој лани беше првак. Ние се гледаме самите себеси. Толку време Вардар го чека ова финале, па ќе дадеме максимум на овој добар терен и со помош од публиката да ја оствариме целта оваа полусезона. Сакаме да продолжиме со добрите резултати од последните месеци и да го освоиме Купот, иако сме свесни дека нема да биде лесно. Ако играчите одиграат како во претходните шест месеци, се надевам дека трофејот ќе дојде во нашите витрини. Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Мислам дека го заслуживме тоа, а сакам да го заокружиме добриот ритам со триумф во Купот“, изјави тренерот на Вардар, Гоце Седлоски.

„Според мене, Вардар е фаворит. Многу го ценам овој клуб, како играч и тренер освојував титули, тоа е мој клуб. Сепак, дефинитивно сакам да победам во ова финале. Вардар ќе игра пред свои навивачи, ама ние сме подготвени да одговориме на секој предизвик. Ќе влеземе во средбата за да ја добиеме. Вардар е анализиран. Тие направија конкурентен тим и низа победи, па имаат максимален респект од наша страна. Знаеме што сакаме и како треба да ја достигнеме зацртаната цел“, порача тренерот на Струга, Илчо Ѓорѓиоски.