Црвена звезда го победи Вардар со 3:1 на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во хуманитарниот натпревар од кој собраните средства од продадените над 25 илјади влезници ќе одат за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб и шампион на некогашна Југославија во 1987 година поведе преку Михаил Маневски во 28. минута, кој голот му го посвети на фудбалерот на Шкупи, Андреј Лазаров, кој загина при извлекувањето на настраданите во дискотеката „Пулс“.
Пресвртот во полза на европскиот шампион од 1991 година го донесоа погодоците на Лука Илиќ во 42. минута, на Александар Катаи три минути подоцна и на Урош Сремчевиќ три минути пред крајот на мечот.
На полувреме од средбата во црвено-црни дресови се појавија Илија Најдоски, Кочо Димитровски, Вујадин Станојковиќ, Ѓоре Јовановски, Ванчо Балески, Зоран Бошковски, Бобан Бабунски, Сашо Тодоровски.
Во црвено-бела опрема, пак, за гостите од Белград настапија Владимир Петровиќ–Пижон, Бошко Ѓуровски, Светислав Караси, Цветин Благоевиќ, Јовица Николиќ, Драги Канатларовски, Горан Попов.
Некогашната златна копачка на Европа и играчка легенда и на Вардар, и на Звезда, Дарко Панчев, еден од најзаслужните за поканата на фудбалскиот гигант од Србија, не присуствуваше поради смртта на неговиот брат Ѓорѓи завчера.
Пред почетокот на натпреварот играчите на двата тима излегоа во маички со натпис „Кочани“ и со едноминутно молчење им оддадоа почит на 61 жртва во најголемата трагедија во самостојна Македонија.






