Црвено црните ја раскинале соработката со Дамир Којашевиќ, па црногорскиот репрезентативец нема да се врати во Скопје по репрезентативната пауза. За него постоеше интерес од страна на Сараево, но според последните информации, тој повторно ќе заигра во Полска, во тимот на Јагелонија. Вардар со тоа ќе добие уште едно место за странски фудбалер.



Според најавите нов член на македонскиот фудбалски првак ќе биде најдобриот стрелец од квалификациите во Лигата на Европа сезонава, Максим Максимов. Рускиот интернационалец настапува за тимот на литвански Тракаи и според последните информации е пред потпис со Вардар. Максимов на шест натпревари за својот тим сезонава во квалификациите од Лигата на Европа постигна седум гола, а интересно, два од нив беа во првиот дуел од третото коло против Шкендија на домашен терен. Неговата серија беше извонредна, па тој постигна гол на сите натпревари од квалификациите, освен на реваншот во Струмица со Шкендија.

Максимов има само 21 година и важи за талентиран напаѓач. Минатата сезона во дресот на Атлантис постигнал 10 гола, а сезонава за Тракаи во литванскиот шампионат постигна 8 гола, покрај оние 7 во Лигата на Европа. Засега само детали го делат од официјализирање на трансферот во Вардар по што веднаш ќе се стави во служба на Чеде Јаневски за натпреварите од македонскиот шампионат, но и Лигата на Европа.