Ван ден Берг: Каков притисок од Грција? НАТО не сака Македонија да излезе, другата опција е Хаг, но Атина го игнорира

Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, ги коментира заканите од грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис дека неговата земја има начини како да ја притисне Македонија на билатерално и на меѓународно ниво ако продолжи по курсот на новата влада во Скопје во однос на Преспанскиот договор.



„Откако ги пропушти/одби можностите на Самитот на НАТО и на ЕПЦ (Европска политичка заедница – н.з.) за пристоен билатерален разговор премиер со премиер, Грција продолжува со својот агресивен став, додека самата Хеленска Република ја крши ‘Преспа’ на дневна основа“, реагира Ван ден Берг на Твитер.

„Каков притисок? НАТО не сака Македонија да излезе. Другата опција е Меѓународниот суд на правдата, односно токму институцијата којашто владејачката партија во Грција ја игнорираше откако претходно ја прекрши Привремената спогодба? И сега викаат pacta sunt servanda (договорот мора да се почитува – н.з.) додека целосно не ја почитуваат самата ‘Преспа’? Драма’, додава Холанѓанецот.

„Во меѓувреме, премиерот Мицкоски се сретна со бугарските претседател и премиер и со други соседи. Исто така, други членови на Кабинетот и претседателката на Македонија имаа средби со лидерите на Југоисточна Европа/Западен Балкан (како и со светски лидери на конференциите за Украина, НАТО, ЕПЦ и други конференции. Грценија не ја изолира Македонија, попрво ризикува да си направи штета на угледот. Тажно“, заклучува Ван ден Берг.