Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, очекува САД да се вклучат во јавната полемика меѓу Грција и Македонија за (не)почитувањето на Преспанскиот договор и да се обидат за да ја спуштат топката од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
„Наместо лично да се сретне со Мицкоски и да ги испегла прашањата од Преспа, каде што двете страни имаат работа за завршување, Мицотакис се определува за полемички став и прикриени закани. САД нема да дозволат оваа еднострана негативност да продолжи“, вели Ван ден Берг во првиот од трите поврзани твита.
„Ципрас откри дека САД се подготвувале да го надградат притисокот врз Грција, па дури и да ја принудат Грција да ја прифати ‘Македонија’ како продолжено уставно име на Македонија. САД се свесни дека новата македонска Влада нема да го продаде националниот интерес на оној што ќе понуди најмногу. САД сакаат стабилност и безбедност. Македонија сака просперитет“, продолжува Холанѓанецот.
„Може да се очекува дека ќе се најде заеднички јазик меѓу САД и Македонија, бидејќи новата Влада на Македонија ги продолжи Стратешкиот дијалог со САД и Заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ. САД може да ги олеснат разговорите меѓу Македонија и Грција, за да ги надминат разликите и да се фокусираат на иднината и на заедничкиот интерес (особено во однос на економијата)“, заклучува Ван ден Берг.





