На вонредната седница на Советот на општина Гостивар со 22 гласа „за“ од 31 советници Валбон Лимани е избран како вршител на должноста градоначалник на општина Гостивар. Лимани доаѓа на местото на Арбен Таравари, кој поднесе оставка од функцијата градоначалник и стана министер за здравство. Ова го објави информативниот портал „Алмакос“.
ТВ Алсат ја цитира изјавата на Лимани дадена по изборот: „Приоритетите остануваат исти до крајот на мандатот. Во преостанатото време од мандатот се обврзувам дека ќе бидат реализирани голем процент од ветувањата, што им ги дадовме на жителите на Гостивар. Ќе дадам се од себе да ги исполнам сите ветувања и сите услуги кон граѓаните да бидат на највисоко рамниште. Ако ја оправдам довербата, што ми ја дадоа советниците но и довербата на партиските органи, тогаш можам да размислам за моја кандидатура на следните локални избори.“
Со 21 глас „за“ како претседател на Советот на општина Гостивар е избран Намик Дурмиши, наместо Валбон Лимани, кој до денеска ја извршуваше оваа функција.
Валбон Лимани ќе биде вршител на должноста градоначалник на Гостивар до октомври 2025 година, откако со измени на законската регулатива беше избегнато одржувањето предвремени локални избори во општините Сарај, Гостивар и Аеродром, бидејќи нивните градоначалници беа именувани на други функции.





