Република Нова Македонија или Северна Македонија е прифатлив компромис за името за македонскиот премиер Зоран Заев, тврди солунскиот градоначалник Јанис Бутарис во изјава за австрискиот весник „Курир“.



„Новиот премиер Зоран Заев нема националистички идеи како неговиот претходник Никола Груевски, кој беше страшна несреќа за земјата. Заев сака компромис околу именувањето: Република Нова Македонија или Северна Македонија. Грција никогаш нема да прифати Република Македонија“, вели Бутарис, кој неодамна го посети Скопје и се сретна со целиот државен врв, вклучувајќи го и премиерот Заев.

Со ново име би можела Македонија „да си најде нов идентитет за себе и за својот народ. Кога ќе дојдете во Скопје, вие сте како во Дизниленд. Груевски го смени ликот на градот“, додава градскиот татко на Солун во текстот на „Курир“ посветен на него.

Бутарис беше во Виена на промоција на Солун како туристичка и бизнис дестинација без оглед на сезоната.