Бужаровска: Грчки студенти застанаа во наша одбрана

„Атмосферата беше прекрасна, се зборуваше, се читаше на македонски и на грчки јазик додека надвор не чуваа грчки студенти” – вели писателката Румена Бужаровска во интервју за Слободна Европа. Настанот на Универзитет во Солун бил под ризик да не се одржи поради заплашувања од ултра десничарски групи.

Бужаровска раскажува дека всушност на нејзината книга „Мојот маж”, прв пат пишувало дека е од македонски јазик.



-Во историјата на Грција мислам дека тоа е всушност и прва книга што е преведена целосно од македонски, да пишува дека е од македонски јазик. Така што Александра Јоаниду е навистина една огромна поборничка за правата на македонскиот јазик и за македонското малцинство во Грција. Таа беше организаторка и Александра не е ненавикната на голем отпор од фашистичките сили во Грција, која што ги има, ултрадесничарските партии и групи. Јас, бидејќи не бев свесна за тоа, не ми кажа. Кога стигнавме, дознавме. Кица Колбе, всушност, ми кажа, бидејќи таа беше таму и била таму со Александра предходната вечер и сведочела на сите облици на притисок која Александра Јониду ги добила, за да не се одржи конференцијата за македонскиот јазик при Солунскиот универзитет.

Бужаровска вели дека веројатно и самиот ректор се јавил и дал изјава.

-Тоа го дознав потоа во „Ефсин“, го прочитав, грчкиот весник, дека од една страна тврди дека Универзитетот треба да има автономија и треба да се одржи таму настанот, но од друга страна нашол некои технички забелешки зашто не треба да се одржи, па ја притиска професорката, односно двете професорки, настанот да не се одржи таму и секако одредени фашистички групи рекоа дека ќе дојдат и дека ќе направат проблем. Во смисла, не заплашија дека не смееме да бидеме таму.

Но, добрата работа е што во Грција постои силно студентско движење кое е антинационалистичко и хумано.

Студентите дојдоа и застанаа во наша одбрана, не чуваа цел ден надвор пред амфитеатарот, иако фашистите не ни дојдоа, тоа беше само класично нивно заплашување, дојдоа скандираа во наша чест, ни рекоа со среќа да си ја одржите конференцијата, ни дадоа поддршка и не дозволија да се откаже овој настан. И на таков начин всушност тоа табуизирање на македонскиот јазик кое постоеше во Грција со децении поради силата на нивната националистичка пропаганда, еве сега многу брзо се уништува, раскажува Бужаровска.

Извор: https://www.slobodnaevropa.mk/a/buzarovska-pisatel-jazik-grcija-/33256269.html