Поради бугарски пасоши во Албанија се празни цело едно село – Требишта, пишува Франс прес во една неодамнешна репортажа.
Бугарија и Албанија немаат заедничка граница. Тирана, (до новиот Закон за малцинствата), не ги сметаше Бугарите меѓу признатите заедници за разлика од Грците, Македонците или Србите, Црногорците.
Ниту еден албански државјанин не се идентификувал како Бугарин на пописот во 2011 година.
Но, бугарската агенција за странците, која помага за добивање бугарски пасоши, смета дека бугарските семејства кои се населиле во Албанија од петтиот век и нивните потомци се дел од нејзината дијаспора. Нема статистика за колку лица станува збор, но се претпоставува дека тие можеби се околу 100 000, забележува Франс прес.
Албанија е земја со масовна емиграција. На 2,9 милиони жители, таа има дијаспора од 1,2 милиони луѓе. Просечната плата е 340 евра, невработеноста достигна една третина од младите. Не е важно дека Бугарија е најсиромашната земја-членка на ЕУ. Гледано од Требишта, таа е влезна врата за Германија, Велика Британија или за некое друго Елдорадо.
Жителите на Требишта велат дека во селото некогаш биле 6.000 луѓе, но повеќе од 2.500 заминале пред четири или пет години кога успеале да добијат бугарски пасош.
Во периодот од 2001 до 2016 година, 4.470 албански државјани побарале бугарско државјанство. Според Софија, биле исполнети барањата на 2.608 луѓе.
Од 1 мај 2017 година, Софија бара документи за докажување на бугарското потекло на еден родител или на дедо или баба.
Како членка на ЕУ веќе 10 години, Бугарите можат да работат и да живеат таму каде што сакаат во ЕУ. Сите ограничувања беа укинати во 2014 година, пишува Франс прес.




