Бугарски медиум го направи Столе Димитриевски – „Северномакедонец“

Непостоечката етничка припадност „Северномакедонец“ почна да се одомаќинува во бугарските медиуми, покажува и примерот со напис на вебстраницата „Тема спорт“, во кој се зборува за наводна заинтересираност на Барселона за голманот на Рајо Валјекано и на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски.



„Барселона би можела да потпише нов голман во ликот на Северномакедонецот Столе Димитриевски, кој во моментот го носи дресот на Рајо Валјекано.

Договорот на голманот со тимот од мадридското предградие истекува на крајот од оваа сезона и засега нема индикации дека ќе биде обновен, а Барса е во потрага по нов голман, кој ќе биде алтернатива на Марк-Андре Тер Штеген.

Самиот Димитриевски беше блиску до преселба кај Каталонците во јануари 2022 година, но потоа работите пропаднаа и тој остана во Рајо, за кого сезонава ја зачува мрежата на 9 од 26 натпревари во Ла Лига.

Триесетгодишниот Столе ја почна својата кариера во Работнички, а потоа мина низ Гранада Б, Кадиз Б, Гранада и Химнастик Тарагона за да стигне до Рајо во 2018 година“, пишува „Тема спорт“.

За можноста Димитриевски конечно да застане на голот на еден од најдобрите клубови во светот денес пишува тиражниот каталонски спортски дневник „Ел мундо депортиво“.