Во своето прво интервју по неодамнешното преземање на функцијата патријарх на Бугарската православна црква и митрополит софиски, г.г. Даниил, во неколку наврати ја именува Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) како „Православна црква во Северна Македонија“.



Објаснувајќи го односот кон „браќата“ од (југо)запад, на наследникот на починатиот патријарх Неофит му се испушти да каже „македонската црква“, но веднаш се поправи со – „црквата во Северна Македонија“.

„Светиот синод на Бугарската православна црква има одлука за тоа прашање. На крајот од 2022 година, кога ние ја примивме одлуката на Архиерејскиот собор на Српската православна црква, со кој тие овозможуваат самостоен статус, т.е. автокефален статус на Православната црква во Северна Македонија, и бугарскиот патријарх, уште Дедо Неофит, со оваа одлука архиепископот на Православната црква во Северна Македонија го вклучи во диптихот, според кој бугарскиот патријарх го споменува при секоја литургија како поглавар на една од помесните цркви. Така што, ние имаме одлука и мислам дека македонската црква (се ‘поправи’ со: Црквата во Северна Македонија – н.з.) даде еден исклучителен пример, зошто кризата што траеше кај нив повеќе од 50 години, откако тие се самопрогласија за самостојна црква во 1967 година и оттогаш беа во изолација од сите помесни православни цркви, во 2022 година тие се обратија со писмо до Архиерејскиот собор на СПЦ и се изјаснија дека ја прифаќаат нивната одлука од 1959 година, со кое Српската црква им дава статус на широка автономија. Тие го прифатија и потоа СПЦ им додели автокефален статус и во моментов тие се една самостојна црква. Ние го признавме тоа, во сослужување сме, нивни архиереи доаѓаат, ние одиме, служиме заедно“, изјави патријархот Даниил за БНТ.

„Тоа е црковниот начин да се реши еден проблем – да си ја признаеме грешката, да побараме прошка. И ете каков мир, каква радост настапи потоа“, заклучи тој.