Бугарскиот амбасадор Радуков на разговор во Министерството за надворешни работи на Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија денес ќе го повика бугарскиот амбасадор во земјата Жељаско Радуков за фотографирањето на претседателите на Бугарија Румен Радев и на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова пред бугарското знаме на средбата завчера во Софија. „Во врска со најавата на претседателката Сиљановска-Давкова во текот на денешниов ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија.“ – соопштија од македонското МНР.

Од Кабинетот на претседателката на Македонија Сиљановска-Давкова најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме, направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија, иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.

„Сенка на настанот фрли отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамки затворениот простор. Но, пред почетокот на лице-в-лице средбата, претседателот Радев ја покани претседателката Сиљановска-Давкова да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното. Ќе побараме објаснување од бугарска страна.“ – наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.



За денеска во 11 часот е закажана и средба со медиумите на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за досегашните и идни активности, како и за актуелни прашања од доменот на работата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија.