Бугарскиот амбасадор не бил овластен да даде изјава на годишнината од депортацијата на македонските Евреи

Амбасадорот на Бугарија во Скопје, Желјаско Радуков, одби да даде изјава при одбележувањето на 82-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во нацистичките логори на смртта во Полска со објаснување дека немал овластување.



„За жал, не можам. Немам дозвола од Министерството. Не сум подготвен за тоа. Ви благодарам“, одговори Радуков на прашањето од Сител ТВ што претставува за него овој ден.

Во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година тогашната бугарска војска и полиција во окупираната Македонија од скопскиот Државен монопол со композиција на Бугарски железници испратиле 7.144 македонски Евреи во концентрацискиот логор Треблинка, од кадешто ниту еден од нив не се вратил.