Бугарскиот весник „Дума“ во долг напис си го поставува уште во насловот прашањето „што е тоа македонски јазик“, за во поднасловот да го допрецизира со „кога и како бил создаден, всушност, книжевниот јазик на нашите роднини од Скопје“, пред да ги изнесе добро познатите бугарски тези.
„Всушност, создавањето на самиот јазик е конкретна реализација на великосрпската доктрина за македонизмот, создадена кон крајот на 19. и во почетокот на 20. век од Стојан Новаковиќ, која предвидува ‘отцепување’ на населението во Вардарска Македонија од Бугарија преку всадување македонско национално сознание и јазик. Утврдувањето, поточно ‘натокмувањето’ на јазикот, е практично исполнување на решението на Коминтерната од 1934 година за формирање на ‘македонска назија’ и на ‘македонски јазик’ преку продолжување на југословенската србизација во Македонија“, пишува „Дума“ во делот од текстот со меѓунаслов „Српски и коминтерновски… македонизам“.
Детално осврнувајќи се на историските настани што ѝ претходеа на кодификацијата на македонскиот јазик, пишувајќи за „три комисии, една азбука“, за „долгата рака на Белград“ и за „лингвистот србоман Блаже Конески“, весникот поентира во завршниот пасус.
„Така во продолжение на 70 години во соседната роднинска југорепублика и држава цела армија од добро платени лингвисти и компаративисти продолжуваат да копаат и да вперуваат прст во таа невидлива линија на омразата и на злобата кон Бугарија. Поточно, да го одрекуваат заедничкиот корен на бугарскиот книжевен јазик и на регионалниот македонски јазик, да ја фалсификуваат неговата историја. Во таа смисла многу е важно да се разбере каков ќе биде новиот Закон за употреба на јазиците, кој предвидува да го донесе Владата на Зоран Заев. Дали тој ќе бетонира коминтерновско-сталинистичките (читај: србоманските) клишеа на македонизмот. Или ќе отвори можност за слобоно јазично општење меѓу населението од бившата југорепублика и Бугарија за надминување на лингвистичката параноја од минатото и постепено враќање кон заедничките корени на јазикот. Тоа веќе ќе покаже накаде ќе продолжат нештата во Скопје, преку натрупаните со времето историски лаги и политички фалсификати, културни плагијати и ксенофобични истапи“, заклучува „Дума“.





