Бугарската копија, потоната во „етничко-лингвистичка магла“, се бара себеси низ распаќата на Евроазија, ем го негира македонскиот оригинал!

Пишува: Свето Тоевски



Кои се и кои не се Бугарите? Од каде е, или од каде не е нивното потекло? На ова прашање до ден-денес немаат јасен и конечен одговор самите бугарски научници, и тоа оние најелитните – нивните академици, а на прашањето „Кои се Македонците?“ сепак уште од пред еден век имаат „јасен одговор“: „Македонците се Бугари!“. Ова стојалиште денес жестоко го турка официјална Софија со штедра поддршка на денешнава неолиберална политичка Европа, олицетворена во Европската унија. Но, бугарско-американскиот историчар д-р Спас Т. Рајкин, професор по историја на Универзитетот на Источен Страдсбург во Пенсилванија, САД, инаку по етничко потекло бугарски емигрант во САД, е категоричен: „Вистината е дека Словените од Македонија – народот на Кирил и Методиј, заедно со Словените и од Тракија и од Дунавската Рамнина, конечно ја формираа бугарската нација!“. Хрватот Ватрослав Јагиќ, еден од најголемите слависти во 19 и 20 век, професор по словенска филологија во Одеса, Берлин, Петербург и Виена, објаснувајќи го доаѓањето и преплавувањето на Балканот во 7 век од страна на прабугарите, ќе нагласи: „…азијатските Бугари го преплавија Балканот преку Дунав…; им се рашири државната власт низ Балканот, низ Македонија и Тракија. Кога македонско-словенскиот јазик преовлада со целата бугарска држава, тие му дадоа државно име, нарекувајќи го јазикот бугарски.“

Денешните Бугари продолжуваат и натаму интензивно да го бараат своето етничко потекло, своите корени низ распаќата на Евроазија. „Во понеделник, 16 јуни 2025 година, бугарска научна експедиција, која се подготвува веќе една деценија, ќе тргне кон Централна Азија. Планирано е експедицијата да изврши фотоснимања и набљудувања на најважните локалитети во монголскиот Алтај. Целиот потфат се спроведува со помош на Министерството за надворешни работи на Бугарија. Водачи на оваа бугарска научна експедиција се проф. Николај Овчаров и инж. Младен Станев, претседател на Здружението на Бугари од целиот свет. “ – објави бугарскиот информативен портал „24 часа“ на 12 јуни 2025 година во својата статија со наслов „Единствена експедиција тргнува кон Централна Азија во потрага по корените на прабугарите“. На 16 јуни 2025 година на истиот портал „24 часа“ во својата колумна „Шаманизмот бил неразделен дел од религијата на прабугарите“ историчарот-археолог Николај Овчаров, водачот на таа научна експедиција, дополнително ќе нагласи: „Кон планината Алтај, во северна Монголија тргнува оваа прва бугарска експедиција, каде што се родиле многу светски култури. Една од тие култури е и културата на нашите претци, на прабугарите, кои тргнале пред две илјади години кон Европа, имено од Централна Азија.“

Пламен Цветков: Кај секого од нас, Бугарите, е вкоренет страв да не се открие дека сме роднини, ‘братучеди’ на Турците!“

Универзитетскиот професор Пламен Цветков, доктор по историски науки, кој работел едно време и во Институтот за историја при Бугарската академија на науките, има дадено интервју за „Дојче веле“, објавено на 4.9.2011 година, под наслов „Бугарите имаат историски комплекс на ниска вредност“. „Дојче веле“ ја пренесува следнава констатација, произлезена од ставовите на Цветков: „Комплексите на Бугарите ги обременуваат историските сеќавања – митовите, легендите и сомнителните икони им ја пишуваат историјата“. На прашањето „Какви Словени се Бугарите?“, „Дојче веле“ го цитира одговорот на историчарот Цветков: „Историското сеќавање на Бугарите во голема мера е обременето од комплексот на ниска вредност. Кај секого од нас е вкоренет страв да не се открие дека сме роднини, ‘братучеди’ на Турците!“

„Македонскиот комплекс“ кај Бугарите

Кај Бугарите можеби постои не некаков неодреден „комплекс на ниска вредност“, туку своевиден „македонски комплекс“, односно „комплекс на неосознаен идентитет“ во однос на Македонците. Колку повеќе „јуришаат“ Бугарите на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик и на македонската национална историја, толку повеќе се неуспешни нивните обиди со „македонскиот материјал“ да ги пополнат големите и длабоки „дупки“ во нивниот идентитет.  Бугарите сѐ уште немаат осознаено ниту кои се по потекло ниту од каде дошле на Балканот. Тие се потонати во „етничко-лингвистичка магла“ и продолжуваат да талкаат, барајќи се себеси низ распаќето на историјата на Евроазија. Колку и да се крадат од Македонците песни, обичаи, јазик, идентитетски елементи, сепак, не може сосила да се исконструира „идентитетски стокмен Бугарин“, користејќи го Македонецот како основа. Ниту може Македонецот да се престори Бугарин, да се измеси како „бугарско тесто“.

Бугарскиот народ сѐ уште нема свој оформен, искристализиран национален идентитет, бидејќи ферментацијата, созревањето на слоевите на националниот идентитет трае многу векови. Бугарите имаат „комплекс на неосознаен етнички и лингвистички идентитет“, големи дупки и празнини во конструкцијата на својот национален и јазичен идентитет. Светски угледната „Енциклопедија британика“ нагласува: „Бугарите се народ, кој е сѐ уште предмет на академски спор во однос на нивното потекло (турско или индоевропско), како и за нивното влијание врз етничката мешавина и јазикот на денешна Бугарија“.

Бугарите како „мешани етнолингвистички луѓе“ немаат никаква врска  со Македонците и македонската историја и идентитет

Бугарскиот историчар, етнолог и филолог Веселин Бешевлиев, член на Бугарската академија на науките и уметностите, е еден од нивните најголеми научни авторитети за потеклото и најраната историја на Бугарија и Бугарите. Во својата широко цитирана научна студија со наслов „Првобугарски натписи“ за својата држава и народ има напишано: „Туркобугарското племе Оногундури, кое ги напуштило своите животни простори околу Меотидско Езеро (денешно Азовско Море) и реката Куфис (денешен Кубан, во Русија) и дошло на балканскиот простор, основало во 681 година своја нова држава во денешна Североисточна Бугарија и Добруџа. Основачите Оногундури, кои, за разлика од сегашните Словени-Бугари, се означуваат како Првобугари, Прабугари или Туркобугари, имале раководна улога во државата до околу 11 век“.

„Академик Галабов: „Прабугарите ги одредуваа гените на нашиот народ, а не Словените!“

Во книгата за „потрагата на Бугарите по прататковината“, Пламен В’лов го цитира бугарскиот академик историчар Васил Ѓузелев, кој нагласува: „Прататковината на таканаречената туркоалтајска заедница, кон која припаѓаат не само Прабугарите… е источен Казахстан, од каде што започнува нивното патување кон запад…“. Според Ѓузелев, „прабугарскиот јазик во натписите и други паметници е во основата турски-алтајско-турски јазик со ирански заемки како вторични слоеви“.

Во научниот труд „Словените, Турците Индоиранците во раниот среден век“ – јазични проблеми на бугарската етногенеза“, тракологот-историчар Стефан Јорданов вели дека „’тракиската’ и ‘словенската теорија’ за етнојазичната припадност на Прабугарите немаат приврзаници во научната јавност“. Но Јорданов прифаќа можности „прабугарите да биле Туркоалтајци, Финоугри, Сарматоалани или мешани етнолингвистички луѓе“. Исто така, и уште еден врвен бугарски научен авторитет го отфрла митот дека Бугарите се Словени по потекло. Академикот професор по медицински науки Ангел Галабов во едно интервју го прави следното разликување: „Прабугарите ги одредуваа гените на нашиот народ, а не Словените. Прабугарите го дале името Бугарија и тие се носители на нејзината државност, цивилизација“.

Македонците немаат потекло од иранските или турските степи, од просторите на Прабугарите

Е, сега, каква етничко-идентитетска поврзаност и „заедничкост“, каква „заедничка историја“ имаат Македонците со Оногундурите, со Туркоалтајците, со Сарматоаланите или што и да биле Бугарите првично? Каква врска и „заедничкост“ има македонскиот јазик со туркобугарскиот јазик, со прабугарскиот или што и да бил првичниот бугарски јазик? Имајќи го ова предвид, како е можно македонскиот јазик да бил дијалект или „расипана норма“ произлезена од бугарскиот јазик?!

Дилемите на Бугарите за нивното етничко потекло и јазик денес се дел од главните причини зошто посегаат по македонскиот идентитет, јазик и историја: бидејќи сѐ уште немаат осознаено што се и кои се, од кај се по потекло, тие сето тоа го „разјаснуваат“ крадејќи ги идентитетот, јазикот и историјата на Македонците, кои се присутни на Балканот многу векови пред да дојдат во него предците на денешните Бугари. Македонците немаат потекло од иранските или турските степи, од азиски или други простори како Прабугарите. Македонците како народ настанале пред околу три илјади години на простори илјадници километри подалеку од прапределите на бугарскиот народ. Македонците немаат турско-алтајски, ирански или други лексички слоеви во македонскиот јазик.

Вистината во врска со соодносот меѓу Бугарите и Македонците треба да се бара во целосно обратна насока: откако дошле на Балканот, во следните векови од нивниот етнојазичен развој Бугарите започнале делумно да се словенизираат, а потоа и да се македонизираат преку контактите со македонскиот етнос. Македонците влијаеле врз денешните Бугари, а не Бугарите врз Македонците! Во голема мера Бугарите се етнојазична копија на македонскиот оригинал!

Поткрепа на претходните факти дава и Хрватот Ватрослав Јагиќ, еден од најголемите слависти во 19 и 20 век, професор по словенска филологија во Одеса, Берлин, Петербург и Виена. Во своето дело „Историјата на книжевностите на хрватскиот и српскиот народ – стара доба“ од 1867 година Јагиќ го објаснува доаѓањето и преплавувањето на Балканот во 7 век од страна на Прабугарите. „…азијатските Бугари го преплавија Балканот преку Дунав…; им се рашири државната власт низ Балканот, низ Македонија и Тракија. Кога македонско-словенскиот јазик преовлада со целата бугарска држава, тие му дадоа државно име, нарекувајќи го јазикот бугарски.“ –  нагласува Ватрослав Јагиќ.

Бугарско-американскиот историчар д-р Спас Т. Рајкин, професор по историја на Универзитетот на Источен Страдсбург во Пенсилванија, САД, инаку по етничко потекло бугарски емигрант во САД, во научната статија со наслов „Кирил и Методиј: Ниту Грци ниту Бугари – туку Словени“, објавена на 10 август 1985 година во американскиот весник „Њујорк тајмс“, поткрепувајќи се на документарните записи и факти од историјата, ќе каже јасно и точно: „Вистината е дека Словените од Македонија – народот на Кирил и Методиј, заедно со Словените и од Тракија и од Дунавската Рамнина, конечно ја формираа бугарската нација!“

(Авторот во оваа објективна политичко-лингвистичка анализа изнесува ставови од свои објективни научни и други истражувања, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)