Трагите на три лица, осомничени за вандализирање на споменикот на Холокаустот во Париз, водат до Бугарија, соопшти париското јавно обвинителство.



Ноќта на 13 мај, околу 35 графити слики на црвени раце беа испишани на споменикот во Париз, што предизвика широка осуда поради напливот на злосторства од омраза во Франција од почетокот на војната во Газа минатиот октомври.

Во писмен одговор до Политико, обвинителството соопшти дека тројца осомничени биле забележани од надзорните камери како се движат од споменикот до хотел во источниот дел на Париз, пред да заминат со автобус кон Белгија.

„Истрагата, исто така, утврди дека резервациите биле направени од Бугарија“, додаваат од канцеларијата.

Сатиричниот неделник Le Canard Enchaîne и јавното радио FranceInfo велат дека истражителите ја следат можна „руска операција за дестабилизација“ и утврдиле дека лицата одговорни за графитите се од Бугарија.