Бугарија ќе го спасува Западен Балкан од неевропски сили

Бугарското претседателство на ЕУ гледа потенцијален ризик во земјите од Западен Балкан „кои гледаат кон друго место“, додека блокот се колеба околу нивното пристапување, изјави во понеделникот амбасадорот на Бугарија при ЕУ, Димитар Цанчев.



„Дефинитивно, гледаме на Западен Балкан како на дел од Европа. […] Надежите за европска иднина во тој дел од континентот, за жал, опаднаа во последните години и постои ризик од јазот што го остави ЕУ. Се разбира, можевме да видиме други сили, кои не се европски, кои покажуваат поголем интерес во тој регион“, рече бугарскиот дипломат.

Тој не ги именуваше неевропските сили, но голем број извештаи укажуваат на руски апетити кон Србија, Црна Гора и Македонија, кинески интереси во Македонија и Србија, турски интереси во Албанија, Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, како и саудиски и вахабистички интереси во Босна и Херцеговина.

Димитар Цанчев зборуваше на прес-конференција пред Меѓународната асоцијација на новинари (API-IPA), во која се претставени приоритетите на шестмесечното бугарско претседателство, кое започна на 1 јануари. Бугарија веќе јасно стави до знаење дека еден од нејзините приоритети е да ги заживее изгледите за членство во ЕУ на шесте земји од Западен Балкан.