Бугарија е подготвена да потпише договор со Македонија за ископување на граничниот железнички тунел што е можно поскоро, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов на работниот појадок со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и на НАТО во врска со напредокот во изградбата на Коридорот 8.
Тунелот не е само физичка врска меѓу две земји, туку и можност за непречено движење од Јадранот до Црното Море, посочи Караџов, кој очекува одговор од Скопје и коментари за предложениот договор за да се планира експертска средба и изрази подготвеност, ако Македонија нема забелешки за документот, веднаш да го организира неговото потпишување.
Според министерот, Бугарија може веднаш да почне со изградба на делницата што недостига од 2,4 километри од Ѓуешево до границата, но од чисто технички причини, прво мора да се изгради објектот на тунелот.
Од своја страна, министерот за регионален развој и јавни работи, Иван Иванов, коментираше дека „секојдневните проблеми со кои се соочува нашата влада бараат голем дел од нашето внимание и итен одговор. Во исто време, сепак, не треба да го изгубиме фокусот на стратешките цели кои можат да ги одведат нашите земји на друго ниво. Таква е темата на Коридорот 8“. Иванов повика за забрзување и концентрирање на напорите за реализација на проектот.
Министерот за одбрана Атанас Запријанов, пак, посочи дека развојот на основната инфраструктура, вклучително и железничкото поврзување со Македонија, е од особено значење за Бугарија и мора да се направи се што е можно за да се постигне видлив напредок во краток временски период.
На 14 март градоначалникот на Ќустендил, Огњан Атанасов, свика итен состанок со пратениците од регионот, регионалниот гувернер и општинските советници поради одлуката на Советот на министри да се откаже од реализацијата на двата железнички проекти Софија – Перник и Перник – Радомир, кои се дел од меѓународниот коридор 8.
Македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, тогаш изјави дека неговата земја е разочарана од Бугарија поради пренасочувањето на средствата од Коридорот 8 за други проекти.






