Бугарија одби да регистрира уште едно здружение на Македонците од Благоевград

Два месеца по основањето на Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград ја доживеа судбината на сличните иницијативи од македонското малцинство во пиринскиот дел на Македонија, откако Агенцијата за регистрација одби да го запише во регистарот на здруженија на граѓани.



Со одлука на судијката Елена Дончева, одбиено е барањето од претседателот на клубот формиран на 3 декември 2024 година поради „нерегуларности“. Уставот на здружението не одговарал на условите, односно не содржел јасни правила за зачленување и за прекинување на членството. При проверката на документите, судијката Дончева констатирала дека во основачкиот акт не бил наведен ни часот на одржување на собранието?!

Од овие причини Окружниот суд во Благоевград ја потврдил одлуката на Агенцијата за регистрација да го одбие барањето за впишување на здружението, упатувајќи го на можноста да се жали до Апелацискиот суд во Софија.

Минатата година благоевградскиот Окружен суд ги одби барањата за регистрација на уште две македонски здруженија – ОМО „Илинден“ и Здружението на репресираните Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор.