Најверојатно со цел да обезбеди алиби за непочитување на извештајот што нема да и одговара Бугарија индиректно најави бојкот на извештај на Европскиот парламент кој се однесува на Македонија.
Според шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев извештајот на Европскиот Парламент за напредокот на Македонија нема меѓународно правно обврзувачка природа, односно Бугарија нема обврска да го почитува.
Георгиев вели дека Бугарија го почитува Европскиот Парламент но наоѓа забелешка дека тој нема право да дава оценки за идентитет и јазични прашања.
Бугарија инсистира дека македонскиот јазик и идентитет е изграден врз бугарскиот идентитет.
,,Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Република Македонија нема меѓународно правно обврзувачка природа. Ниту еден обид за заобиколување на консензусот за Македонија од 2022 година нема да биде успешен, бидејќи Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот и слични формулации”, изјави шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев пред бугарските медиуми во Брисел.
„Го почитуваме Европскиот парламент и неговите извештаи. Секоја земја-кандидат за членство во ЕУ мора да ги почитува условите поставени од земјите-членки. Бугарија има конзистентна политика во овој поглед. Го охрабруваме процесот на проширување, но тој мора да се базира на сопствените заслуги“, рече тој.
На новинарско прашање дали премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски врши организирана кампања за лобирање во Европскиот парламент за извештајот на Томас Вајц, Георгиев рече дека тоа може да има само краткорочен популистички резултат, но на долг рок тоа не може да биде плодотворно.






