Бугарија ги оценува ризиците по националната безбедност по кризата во односите во западниот блок

Бугарскиот премиер Росен Желјазков за денеска попладне го свика владиониот Совет за безбедност.



Темата на средбата е „Преглед и анализа на актуелната геополитичка ситуација и ризиците кои произлегуваат од нив за националната безбедност“,јавија медиуми.

Свикувањето на Советот за безбедност доаѓа во време на комплицирана ситуација во Европа по јазот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски, што доведе до криза во односите во западниот блок, кој до неодамна ја поддржуваше Украина во нејзината одбранбена војна против руската агресија.

По скандалот во Белата куќа, европските лидери му изразија категорична поддршка на Володимир Зеленски, како и бугарскиот премиер Росен Жељазков.

Меѓутоа, Бугарија не беше меѓу земјите поканети во Лондон на состанокот организиран од британскиот премиер Кир Стармер на тема Украина и европската безбедност.

На 6 март ќе се одржи Европски совет на кој ќе се разговара за ситуацијата не само со војната на територијата на Европа, која трае веќе три години, туку и за безбедноста на Европската унија во позадина на геополитичкиот пресврт во позицијата на Америка.