Бугарската комерцијална телевизија БТВ направи репортажа во Македонија за разликата во цените на зеленчукот за зимница и констатира дека зголемен е бројот на Бугарите птио доаѓаат во пограничните македонски градови поради разликата во цените.
Телевизијата направи споредба на цените во Благоевград и во Делчево и заклучи дека, на пример, во главниот град на Пиринска Македонија црвената пиперка за ајвар се продава од 1,80 до 4 лева (54 до 120 денари), доматите меѓу 3,5 и 5,5 лева (105 до 165 денари), зелката за 1,5-1,8 лева (45-54 денари) итн.
Во Делчево, оддалечено 40 километри од Благоевград, доматите и пиперките се по 90 денари, морковите 60, јајцата 9 итн.
Покрај тоа, Бугарите купуваат поевтини млечни и месни производи. Просечната цена на килограм сирење во Македонија е 360 денари, а на кашкавалот 450.
Репортерите на БТВ провериле колку ќе ги чинат неколку основни прехранбени производи, па за шише масло за готвење, 200 грама путер, килограм брашно, 500 грама кашкавал, 300 грама сирење и две кисели млека платиле вкупно 1.500 денари.
Македонските трговци за БТВ нагласуваат дека не се само цените привлечни за гостите од Бугарија, туѕку и квалитетот.
„Кај нас е повистинско, кај нас е наше производство, македонско. Не е увозно и затоа купуваат. Имам муштерии кои пазарат со години“, вели сопственичката на продавница за зеленчук Јадранка.
Од стоките од животинско потекло, како сирење, кашкавал, салама и месо, може да се пренесе најмногу по 1 килограм преку границата со Македонија, напомнуваат од БТВ во репортажата.






