Бугарите мрчат што Мицкоски си ја нарекува државата Македонија без „Северна“

Паралелно со политичарите и медиумите во Грција, и тие во Бугарија не пропуштаат да нотираат дека претставниците на новата власт во Македонија така си ја нарекуваат државата, избегнувајќи ја додавката „Северна“, како што констатира „Актуално“ за средбата на идниот премиер Христијан Мицкоски со австрискиот амбасадор Мартин Памер.



„Идниот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во својата официјална објава за средбата со австрискиот амбасадор во Скопје, Мартин Памер, наместо уставното име Северна Македонија, го употреби само името Македонија“, забележува „Актуално“ во написот со наслов „Скопје продолжува да пркоси: И Мицкоски користи само Македонија“.

„Денеска заедно со потпретседателот Тимчо Муцунски остваривме средба со австрискиот амбасадор Мартин Памер.

Се заблагодарив на г. Памер за поддршката која Македонија ја добива од Австрија на патот на евроинтеграциите.

Одличните односи помеѓу Македонија и Австрија на економско поле ќе бидат дополнително унапредувани и поттикнувани во наредниот период.

Воедно беше потенциран и планот за борбата против корупцијата и криминалот кои ќе бидат високо на агендата на идната влада“, објави Мицкоски на својот профил на Фејсбук.