Бројот на жртвите од уривањето на покривот во ноќен клуб во Санто Доминго рано наутро се искачи на 44, а 160 се повредени, соопштија властите.



„Претпоставуваме дека многумина сè уште се живи и затоа властите нема да се откажат додека последниот човек не биде извлечен од урнатините“, изјави Хуан Мануел Мендез, директор на Центарот за итни операции, пренесе АП.

Меѓу загинатите е гувернерот на северозападната провинција Монтекристи, Нелси Круз, а меѓу повредените се и поранешниот безбол играч од американската Мејџор лига, Октавио Дотел, конгресменот Бреј Варгас и пејачката Руби Перез, која настапувала кога покривот на клубот се урна врз посетителите.

Менаџерот на Руби Перез, Енрике Паулино, им рекол на новинарите на местото на настанот дека концертот започнал нешто пред полноќ и дека покривот се урнал речиси еден час подоцна, при што загинал саксофонистот на бендот.

Досега се спасени и укажана им е лекарска помош на 46 лица, соопшти претходно Националната полиција.

Ноќниот клуб, познат по забавите во понеделниците со локални познати личности, беше преполн со стотици луѓе за време на настапот на популарната доминиканска пејачка Руби Перез.