Брнабиќ: Старт на преговори Македонија-ЕУ во интерес на цел Западен Балкан

Српската премиерка Ана Брнабиќ на средбата со шефицата на дипломатијата на Европска унија, Федерика Могерини, даде поддршка за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија во првата половина на следната година.



„Србија и Црна Гора се единствените земји што преговараат во овој момент. Една од основните теми е и Македонија и Албанија да почнат преговори што е можно побргу, се надеваме во првата половина на 2018 година. Тоа е во интерес на целиот Западен Балкан“, изјави Брнабиќ на крајот од работната вечера во Брисел што ја организира Могерини за премиерите на шесте земји од регионот со аспирации да ѝ се придружат на Унијата.

Таа истакна дека Србија во целост ги поддржува Македонија и Албанија, чиј напредок на патот на евроинтеграциите е важен за понатамошната стабилност и поврзаност на Западен Балкан, според неа.

„Секој треба да напредува со свое темпо, кое нема да се усогласува како ниво на Западен Балкан. Важно е да се отворат преговорите и да се даде позитивен сигнал, а потоа секој оди најбрзо што може кон ЕУ, во согласност со реформите и со брзината со која тие се имплементираат“, додаде Брнабиќ.