Брза пруга за 1,7-1,9 милијарди евра е првиот голем проект од договорот со Велика Британија, откри Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во „Тема на денот“ на Сител ТВ откри детали од економскиот дел на договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, во рамките на кој прво ќе се реализираат две милијарди фунти или 2,2-2,3 милијарди евра.



„Првиот голем проект е брзата железница или брзата пруга на коридорот 10 од Табановце до Гевгелија. Ќе се користи постојната траса од 235 километри, но со поправа линија што ќе ја намали должината за 20-25 км. Нема да се прави обична реконструкција на пругата, туку целосно нова линија со два колосека – едниот за патнички возови што ќе се движат со брзина до 160 км/ч, а другиот за товарни со брзина од 110-120 км/ч, долги до 750 м, најдолги во светот, со што Македонија директно ќе се отвори за јужните пристаништа. Нашата пресметка е дека, ако Македонија ја постигне целта од 327 илјади тони по километар превезена стока, само од транзит треба да добива 120 милиони евра годишно. Во патничкиот железнички сообраќај, од Скопје до Солун ќе се стигнува за 90-100 минути, до Атина за 4 часа, а од Скопје до Белград за 2,15-2,20 часа, до Будимпешта за 4 часа и до Виена за 5 часа, што е ултра брзо. Брзата пруга ќе влегува низ центарот на Скопје, поврзана со градскиот железнички превоз, а ќе се поврзе и аеродромот со главниот град. Очекувањата се дека целиот овој проект ќе чини од 1,7 до 1,9 милијарди евра“, објасни Николоски.