Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски, вели дека неговата одлука за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, која се уште не е конечна, е од чисто идеолошка причина.



Во изјава за Фокус тој вели дека неговата идеологија е ВМРО.

„По ослободителната пресуда во 2016-2017 за ,,Ровер”, кога излегов од суд кажав дека доколку новото раководство се огради од Груевски јас ќе размислам да се вратам како коалициски партнер. Немам никакви услови и барања, пратенички места, советнички, вработувања…

Сето тоа е од идеолошки причини.

Немав барања ниту од СДСМ, важно беше да се сруши режим. Ниту пак некогаш ќе зборувам против нив, како што тоа сега го прават други, а се уште се на раководни места. Јас советничкото место за странски инвестиции го напуштив пред половина година со резултати зад мене, а примањата ги донирав на помалку имотните од мојата партија.

Борбата беше да се сруши режимот и да се вратиме таму каде што идеолошки припаѓаме, сакам да бидам во десницата“, појаснува Бошкоски.

Бошкоски вели дека апсолутно е сигурен дека Мицкоски се оградил од Груевски.

„Ветено ми е од Мицкоски дека нема никаква врска или соработка со Груевски“, потенцира Бошкоски за „Фокус“.