Браната „Турија“ и натаму проблем за Струмица, се бара формирање на Комисија што ќе ја следи состојбата

Да се формира комисија од повеќе научни институции за следење на состојбата на браната „Турија“ и причините за појавувањето на манган во водата, бара претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. По заедничкиот состанок, Ѓорѓиевски рече дека долгот што го има Струмица кон АД „Водостопанство“ ќе биде сервисиран согласно со утврдена динамика и претпријатието ќе продолжи да работи.



Ѓорѓиевски, како што објави МРТ1, на иста маса ги седна министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски и градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов со цел да се надминат проблемите.

  • Со добра волја и на заедничка маса, да дојдеме до заедничко и прифатливо решение за сите, беше нотирано денеска на средбата во просториите на ЗЕЛС, која ја одржавме заедно со министерот Цветан Трипуновски и колегата Костадинов од Струмица. Со разговор секогаш се доаѓа до целта, па така оваа плодна средба ќе вроди со плод, бидејќи веќе ги зацртавме правците на траекторијата за трајно решавање на проблемите на граѓаните од Струмица“, изјави Ѓорѓиевски.

Средбата доаѓа откако струмичани речиси еден месец беа без чиста вода поради зголемено присуство на манган, штетен за човечкиот организам.

Водата во Струмица е здрава и безбедна за пиење, потврди и Агенцијата за храна и ветеринарство која испрати решение дека се е во ред. Но сега истиот проблем, со високи концентрации на манган, има Берово. Сега загадена вода има во Берово, па граѓаните ќе бидат снабдувани со вода од цистерни. АХВ синоќа издаде соопштение дека периодов таму, водата може да се користи исклучиво како техничка.

  • „Граѓаните од Берово не смеат да ја пијат оваа вода поради високо ниво на манган во составот. Во согласност со правилникот за вода за пиење, истата не смее да се употребува и за готвење. Може да се користи само како техничка вода“, соопштија од АХВ.

Надлежните велат дека примероците од водата ќе бидат испратени до неколку лаборатории во државата и во зависност од резултатот, граѓаните ќе бидат известени за состојбата со користење на водата за пиење.