„Експертот за безбедност од Косово Дризан Шала предупредува дека ќе биде загрозено постоењето на Македонија и Црна Гора, ако се променат границите на Балканот. Тој ги повикува властите во Тирана и Приштина да бидат подготвени да ги реализираат државните интереси на албанскиот народ, откако би се извршила можната корекција на границите во вид на размена на териториите.“ – истакнува косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“ во својата политичка анализа со наслов „Аларм за промена на границите на Балканот / Експерт ја активира „бомбата“: исчезнуваат две држави – Македонија и Црна Гора“.
Според независната германска аналитичарка Јохана Дејмел, која е и експерт за Западниот Балкан и Југоисточна Европа, територијалната размена меѓу Косово и Србија може да се врати на дневен ред. „Се повеќе можна станува победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД годинава. Тогаш Србија и Приштина ќе се најдат во нова геополитичка и безбедносна средина. Ова може да се подразбере и дека се враќа на агенда размената на териториите, според естонската политичарка Каја Калас, новата можна шефица на дипломатијата на Европската Унија и едновремено раководителка на преговорите меѓу Косово и Србија.“ – нагласи Јохана Дејмел.
Исто така, и експертот за безбедност Дризан Шала вели дека може да се врати промената на границите повторно на сцената. „Геополитичката ситуација се менува и се обликува одново под директно влијание на геостратегијата, која играше улога како основа на колективната безбедност во Западниот Балкан. Државите-победници во војните во 90-тите години од минатиот век, а сега и меѓународниот чинител сфатија во премолчана форма дека ќе треба да се променат државните граници, зајакнувајќи три држави во Балканот, кои се еднакви во воен, политички и економски формат – Албанија, Хрватска и Србија. Промените, кои се потребни за размена на територии, без сомневање можат да добијат внимание од новата политичка класа по промените на претседателските избори во САД.“ – нагласува Дризан Шала.
Според него, ќе биде загрозено постоењето на Македонија и Црна Гора, ако се променат границите на Балканот. „Обидите за уривање на договорите од Дејтон и Рамбуе ќе го доведат несомнено под знак на прашање постоењето на Црна Гора и Македонија. Сега се води специјална хибридна војна, кога ќе се случи такво нешто, политиката на Белград да влијае врз нивните регионални влади во тие држави.“ – објаснува Шала.
„Затоа властите во Приштина и Тирана мораат да сфатат во овој момент дека треба да создадат силни темели на надворешната политика. Така кога ќе се сменат економските, политичките, државните и воените граници властите во Приштина и Тирана ќе бидат во поволна ситуација да ги постават очекуваните промени во рамки на државните интереси на албанскиот народ преку можната корекција на границите во вид на размена на териториите.“ – заклучува експертот за безбедност Дризан Шала.





