Борко Ристовски: Неважно е кој ќе одбрани, јас или Митревски

„Можеби во јавноста не го зборевме тоа, знаевме дека овој натпревар ќе биде потежок отколку со Словенија затоа што носи еден дополнителен притисок кој што со победа не носеше во вториот круг, со два пренесени бода, што е огромен резултат за нашата репрезентација“, изјави голманот Ристовски по втората победа на Европското првенство во Хрватска.



„Првпат во историјата одиме со најмалку два бода, со два пренесени бода. Мислам дека притисокот го направи своето, одигравме добро. Во еден момент го имавме натпреварот во свои раце, како што кажав имаме многу резерви и воопшто не е важно кој колку играл, туку е важно дека репрезентацијата победува. Дека собираме победи и бодови и дека треба сите заедно да се радуваме. Воопшто не е важно дали јас сум ја имал најважната одбрана или ја имал Митревски. Во спортот денеска е еден, утре е друг и воопшто не се оптеретуваме со тоа. Дозволете да уживаме во оваа победа и да ја дочекаме Германија што е можно посвежи и поспремни“, додаде голманот на Барселона.